Што е интегрирано образование?

Интегрираното образование е модел на образование кој овозможува успешна интеграција на учениците, родителите и наставниците од различни етнички заедници преку современ воспитно образовен процес.
Интегрираното образование е современ модел на образование кој ги негува, охрабрува и интегрира во себе мултиетничките вредности, двојазичноста и истовремено ја промовира и поддржува соработката помеѓу учениците, наставниците и родителите која е втемелена врз почитувањето на разликите, градејќи притоа едно кохезивно мултиетничко општество.

Интегрираното образование во Македонија

Концептот за интегрирано образование за прв пат беше воведен во Р. Македонија од страна на Нансен дијалог центар Скопје кој го разви Нансен моделот за интегрирано образование користејќи го меѓународното искуство и експертиза и со воведување на модел за интегрирано образование кој е прилагоден на локалниот контекст со вклучување на сите слоеви од општеството.

Интегрираното образование во Македонија произлезе како резултат од програмата за реконсилијација која НДЦ Скопје ја имплементираше од 2005 – 2008 година во една општина зафатена со вооружениот конфликт во 2001 година и како резултат на конфликтот дојде до поделба на најголемото мултиетничко училиште во кое учеа ученици Македонци и Албанци. Во 2008 година во истата општина беше отворено првото интегрирано основно училиште, а за две години беа создадени услови и се отвори првото интегрирано средно училиште во Македонија.

Програмите за интегрирано образование кои се реализираа во овие две училишта, а со кои беа опфатени учениците, нивните родители и наставниците дадоа огромни резултати во процесот на интеграција и помирувањето во општината.

Нансен моделот за интегрирано образование набрзо беше препознаен и од други општини и мултиетнички училишта.

Потребата од интегрираното образование во Македонија и регионот е се поголема поради трендот на поделба на мултиетничките училиштата по етничка основа.
Поделбата на училиштата ја намалува моќноста за соработка, дружење, комуникација помеѓу учениците, наставниците и родителите, а во исто време ја зголемува можноста за растење на стереотипите, предрасудите, стравот од непознатото, нетолеранцијата и насилството. Поделбата на училиштата многу често се причина за поделба на општеството и појавата на гетоизација.

Веруваме дека преку поддршката на Нансен моделот за интегрирано образование ќе дадеме придонес во зачувување на статусот на мултиетничките училишта во Македонија и регионот и од мултиетнички да бидат трансформирани во интегрирани училишта.

Преку зголемувањето на бројот на интегрирани училишта во Македонија и регионот можеме да очекуваме перспектива и развој базиран на европските демократски вредности.